Само две недели по триумфот на „Ролан Гарос“, шпанскиот тенисер Карлос Алкараз доживеа елиминација уште во второто коло од турнирот во Квинс.
Тоа е негов пораз на трева по 14 победи во низа, но многу полошо е што загуби 450 бода бидејќи ја бранеше титулата од лани и повторно падна на третата позиција на АТП листата. Со оглед на тоа што го брани и трофејот на Вимблдон, многу веројатно Алкараз како третопласиран ќе ги дочека Олимписките игри во Париз.
Подобар од него денеска беше Дрејпер од Велика Британија кој триумфира со 2-0 (7-6, 6-3) за 100 минути игра. Алкараз не успеа да направи ниеден брејк во текот на мечот, додека Дрејпер му го зеде сервисот во шестиот гем од вториот сет и со тоа ја забетонира својата победа. Во четвртфиналето, Дрејпер ќе игра со Томи Пол од САД.