Шпанија рутински го реши дуелот против Албанија (0-1) и со три победи го потврди првото место во групата Б на ЕП. Натпреварот на „Меркур Шпил Арената“ во Дизелдорф го одлучи Феран Торес со еден гол, а потоа „фуријата“ го одбрани водствотои и покрај шансите на Албанците.
Уште од првата минута поактивна селекција на теренот беше Шпанија, иако Луис де ла Фуенте се реши за доста промени во првиот состав. Првата закана по албанскиот гол ја имаше Мерино кој со глава го тестира Стракоша но овој одбрани. Резултатот беше отворен во 13. минута од натпреварот, а стрелец беше Феран Торес. Играчот на Барселона доби топка низ одбраната од Олмо, излета сам пред голот и лесно пласира па од стативата донесе водство од 0-1.
Албанците имаа свој налет, меѓутоа тоа не вроди со плод бидејќи одбраната на Шпанија беше одлично поставена. Резервистот Армандо Броја само неколку минути по влегувањето во игра имаше одлична шанса, но Раја одново одбрани. Со удар од далечина се обиде Аслани, но шутот беше крај голот. Во судиското продолжение уште една шанса имаше Броја, одлично се снајде по еден корнер, но шпанскиот голман атрактивно одбрани.
Со максимални девет бода Шпанија како првопласирана оди во осминафиналето и би играла против Унгарија или еден од третопласираните во групите Д, Е и Ф.