Фудбалерите на Австрија ја победија Холандија во Берлин со 3-2 и го освоија првото место во групата Д. Франција пак не успеа да ја победи Полска во Дортмунд, играјќи нерешено 1-1, и заврши на второто место, додека Холандија, иако третопласирана, сепак ќе игра во осминафиналето на ЕВРО 2024.
Холандија несреќно си постигна автогол во шестата минута, кога Дониел Мален ја затресе сопствената мрежа во обид да ја расчисти топката.
По едно уфрлување ниско кон пеналтикот од Прас, во обид да расчисти Дониел Мален беше невнимателен и ја испрати топката во сопствената мрежа, зад грбот на голманот Фербруген.
Интересно е дека ова беше дури седми автогол на Европското првенство. Австријците загубија на стартот на групите со гол кој си го постигна Вебер.
Коди Гакпо во 47. минута израмни, но Романо Шмид во 59. минута повторно ја доведе Австрија во водство.
Мемфис Депај уште еднаш израмни во 75. минута, но Марсел Сабицер постигна одличен гол од левата страна во 80. минута, осигурувајќи ја победата на Австрија.
Во Дортмунд, на „Сигнал Идуна парк“, Франција важеше за фаворит против Полска, но одигра само 1-1. Килијан Мбапе го постигна првиот гол за Франција од пенал во 56. минута. Потоа беше досуден пенал и за Полска, кој Роберт Левандовски успешно го реализираше во 79. минута, за конечни 1-1.