Фудбалската репрезентација на Аргентина се пласира во финале на Копа Америка. Актуелниот светски фудбалски првак ја совлада селекцијата на Канада со 2-0 (1-0) во полуфиналето.
Избраниците на Лионел Скалони одиграа одличен натпревар, и со головите на Хулијан Алварез и Лионел Меси дојдоа на чекор од нов голем трофеј. Аргентина поведе во 22. минута кога Родриго де Пол брилијантно го проигра Хулијан Алварез, а напаѓачот на Манчестер Сити покажа дека ќе биде прва ѕвезда на тимот откако Меси ќе се повлече од националниот тим и ги донесе „гаучосите“ во водство.
Дека и понатаму е подготвен да направи разлика во националниот тим на Аргентина, Меси покажа во 51. минута кога ја смести топката во противничката мрежа по ударот на Енцо Фернандез и на тој начин му донесе недостижна предност на својот тим.
Во финалето Аргентина го чека победникот од второто полуфинале меѓу селекциите на Уругвај и Колумбија.