Македонската ракометна репрезентација до 20 години одигра добар натпревар против Австрија на Европското првенство, меѓутоа не успеа да победи (20-20), иако во вториот дел имаше предност од три голови во еден момент.
Австрија имаше добар почеток на дуелот и водство од 4-1, но Македонија го возврати ударот и израмни на 6-6. Големата борба на паркетот продолжи и во следните минути, а на полувреме со предност од еден гол (11-10) заминаа австриските ракометари.
Македонија во вториот дел го засили темпото, а одличен на голот беше Иван Галевски, па предноста на нашите ракометари достигна три гола (17-14). Потоа следуваше период каде што Австрија се врати во игра и направи пресврт (18-17), а до крајот на мечот се играше гол за гол (20-20).
Ракометарите на Македонија со реми и четири бодови ја завршија првата фаза од турнирот на третото место, па во следниот период ќе разигруваат за пласман од деветто до 16. место.
Галевски го заврши мечот со 15 одбрани, додека најдобар стрелец во редовите на Македонија беше Димитар Узунчев со осум погодоци.
Македонија ќе игра на СП У21 што следната година ќе се одржи во Полска, благодарение на остварениот пласман на тековното М20 ЕХФ Еуро.
Македонија, во битката за што подобар пласман ќе игра со репрезентациите на Франција, Полска и Романија.