Кошаркарската репрезентација на САД оствари убедлива победа во првото коло од кошаркарскиот турнир на Олимписките игри совладувајќи го својот голем ривал Србија со 110-84.

Натпреварот беше најавен како големо дерби поради квалитетот кој го поседуваат двете селекции, но се претвори во шоу на селекцијата на САД, особено во вториот дел. Победата на Американската репрезентација во ниеден момент не беше доведена во прашање.

Србија отвори со 10-2, подоцна имаше и 12-5 за во вториот период САД да отидат на +11 (38-27). На помалку од половина минута пред крајот на полувреме Србија беше на само четири поени негатива (49-53), но брзи пет поени на Американците придонесоа на голем одмор да се замине со 58-49.

Тука беше крајот на српската репрезентација која во третиот период ја почувствува силата на Американците. Разликата брзо отиде на 15 поени, а по 30 минути игра беше +19 за САД (84-65), па последните десет минути останаа само формалност и можност за четата на Стив Кер да ја достигне границата од 100 поени.

Кевин Дурант беше најефикасен во американската репрезентација со 23 поени од кои 21 постигна во првото полувреме и тоа без промашување. Леброн Џејмс беше одличен, реализира 21 поен со 9 асистенции и 7 скока. Кај Србија, Никола Јокиќ беше прв играч со 20 поени, плус 8 асистенции и 5 скока. Американците имаа одличен шут од далечина, постигнаа 18 тројки од 32 шута од кои 12 погодени имаа во првото полувреме.