Германскиот репрезентативец Илкај Гундоган не играше на дербито против Валенсија поради повреда, но како што јавува угледниот „Спорт“, искусниот играч за врска веќе нема намера да го носи дресот на каталонскиот гигант.
Познатиот каталонски весник излезе со своја ексклузивна вест непосредно пред дербито на „Месталја“, тврдејќи дека германскиот репрезентативец побарал од управата на клубот да слуша понуди и да го продаде до крајот на летниот преоден рок.
После само една година мината во каталонскиот великан, Гундоган е подготвен да им остави простор на помладите и да ја наполни касата на клубот, кој и во оваа фаза од летниот преоден рок има обврска и потреба да продава играчи, пред да се насочи кон нови засилувања во тимот на Ханси Флик.
Според „Спорт“, тренерот Флик и спортскиот директор Деко директно од Илкај дознале дека сака да си оди до крајот на месец август, а како најпогодна дестинација во овој момент се споменува Турција.
Поточно, Фенербахче е клубот кој сака да го донесе Гундоган како ѕвезда во својот тим, што би значело дека Жозе Мурињо би можел да одигра клучна улога во наредните неколку дена.