Најдобриот српски тенисер и втор светски рекет Новак Ѓоковиќ утре во Њујорк ја започнува одбраната на титула на УС Опен каде ќе се обиде да дојде до својот 25. Гренд слем трофеј во кариерата.
Сепак, против себе, освен најдобрите светски играчи, Ноле ќе ја има и лошата традиција на бранителите на титулата во Њујорк. Во последните 16 години, ниеден актуелен освојувач на овој турнир не успеал да го одбрани трофејот, односно да го крене пехарот во две сезони по ред. Последен кому му успеало тоа е Роџер Федерер кој во 2008 година по петти пат во низа славеше на УС Опен.
Оттогаш Ѓоковиќ освои четири трофеи во Њујорк, но ниеднаш не успеа тоа да го направи во низа. Имаше таква можност во 2012 и 2016 година, но во првиот случај, во финалето загуби од Енди Мареј, а во вториот од Стен Вавринка со идентичен резултат, 1-3.
Ланскиот триумф во Њујорк се уште е последен Гренд слем трофеј на Ѓоковиќ кој нема плодна 2024 година бидејќи и натаму нема АТП титула во неа. Единствениот успех го оствари на Олимписките игри каде го освои златниот медал, првпат во својата кариера.