Во возбудливиот натпревар, екипата на Виљареал забележа луда победа од 4-3 (1-2) над незгодниот тим на Селта Виго. Екипите кои што имаат позитивен старт на новата сезона, одиграа крајно возбудлив фудбалски натпревар на „Естадио де ла керамика“. Тоа беше дуел со атрактивни потези, шанси, пресврти и гол во стотата минута за огромна радост на домашните фанови.
Фудбалерите од Виго по победите над Валенсија и Алавес и вечерва покажаа дека се во врвна форма, а нивниот отворен пристап им донесе водство уште во дванаесеттата минута. Искусниот Борха Иглесиас се најде на вистинско место и по големиот кикс на домашниот голман Конде ја смести топката во мрежата за 0-1.
Но, четата на Марселињо брзо успеа да се соземе по раниот шок и во 26. минута искусниот дефанзивец Кардона навремено налета на една нафрлена топка и изедначи на 1-1. Сепак, Селта експресно ја врати предноста на своја страна, откако Мингуеза постигна атрактивен гол од слободен удар за 1-2, резултат со кој завршија првите 45 минути.
Во самиот финиш, малку фалеше да биде постигнат уште најмалку еден гол. Комасана ја стресе гостинската мрежа, но неговиот гол беше поништен поради минимален офсајд, додека на спротивната страна Фран Белтран ја стресе стативата, а Конде со спектакуларна интервенција му одбрани зицер на Сведберг.
Во 99 минута после интервенција од ВАР собата досуден е пенал за Виљареал. Парехо шутираше, Конде одбрани, но топката се одби до истиот играч кој го постигна победоносниот гол за жолтата подморница.