Фудбалската репрезентација на Македонија со 2-0 ја совлада Ерменија иако цело второ полувреме игравме со играч помалку поради исклучувањето на Зајков.
Македонија го прекина постот, конечно победивме, ова е прва победа по октомври минатата година кога исто така славевме над Ерменија.
Избраниците на селекторот Милевски прикажаа многу подобро издание од претходно и заслужено дојдоа до триумф, а тој можеше да биде и поубедлив доколку искористевме дел од шансите во првото полувреме.
Првите 45 минути поминаа пред голот на голманот Чанчаревиќ. Македонија создаде повеќе шанси, но не го најде патот кон неговиот гол. Најсериозната можност ја имаше Елмас во 21. минута кога странично излезе сам пред голот на Ерменија, но Чанчаревиќ беше поуспешен од него. Во првиот дел од се заканија со удари кон противничкиот гол и Бабунски, Барди, Зајков, но гол немаше.
И тогаш Зајков во самиот финиш од првото полувреме заработи втор жолт картон поради приговор и Македонија го доигра дуелот со фудбалер помалку.
Но сепак во вториот дел и со играч помалку на теренот продолживме поофанзивно, и го загрозувавме голот на противникот.
Во 70. минута капитенот Барди постигна спекатакуларен гол од слободен удар за водство на Македонија од 1-0.
Девет минути подоцна гол постигна и Миовски по една соло акција во шесанесетникот на противникот, поведовме со 2-0 и веќе беше јасно дека победата е блиску.
За Миовски ова е прв гол во новата сезона, а вкупно четврти во националниот дрес.
Во финишот од мечот Ерменија ја имаше најдобрата своја шанса кога по една несигурна интервенција на Димитриевски топката ја погоди пречката и стативата но сепак топката заврши во неговите раце.
На крајот Македонија се радува на заслужена победа за привремен мир во репрезентацијата која беше мета на многу критики во изминатиот период.
Натпреварите во Лигата на нациите за Македонија продолжуваат во октомври со две гостувања. На 10 октомври, нашиот национален тим гостува кај Летонија, па три дена подоцна следи гостински натпревар кај Ерменија.