Екипата на Милан конечно успеа да го совлада градскиот ривал Интер (2-1) и со тоа стави крај на низата од шест порази по ред, која траеше точно две години.
„Росонерите“ ја имаа улогата на аутсајдер, но одиграа одлично и апсолутно заслужено дојдоа до бодовите во пресметката со актуелниот шампион. Крајниот епилог го најави Пулишиќ уште во десеттата минута, но Димарко дваесетина минути подоцна го изедначи резултатот. Во второто полувреме се водеше рововска борба во која „росонерите“ беа подобар ривал, а наградата дојде пред самиот крај со погодокот со глава на Матео Габиа во 89. минута.
Двата тима од Милано сега се изедначени на делба на шестата позиција на табелата во Серија А со по осум бодови од пет натпревари.