Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ извесен период не беше активен на големата сцена и тоа од настапот на Ју-Ес Опен. Но рекордерот по бројот на освоени грен слем титули ќе се појави на турнирот во Шангај.
Кина е посебно место за српскиот тенисер и токму поради тоа има поставено цел, токму на ова место да дојде до 100. АТП титула во кариерата и со тоа да го испише своето име во историјата, да им се приклучи на Џими Конорс (109) и Рожер Федерер (103) во одбраното друшто.
-Сакам да играм во Кина, а оваа година имам дополнителен мотив овде да ја освојам 100. титула во кариерата. Отсекогаш сум имал многу успеси овде, но и во Пекинг. Ја сакам поддршката од навивачите, ги сакам условите…
-Сега се обидувам да го подигнам нивото на мојата игра на тренинзите. Играм многу поени, гејмови, сетови, за да стигнам до посакуваниот квалитет. Не сум играл многу турнири во последно време и се надевам дека ќе ги стигнам останатите. Исто така, се надевам дека ќе ја искористам свежината и искуството од претходните успеси овде, -порача Ноле кој допрва ќе го дознае противникот во второто коло со оглед на тоа што е слободен во првата рунда.