Каталонската гордост Барселона дојде на „Бернабеу“ во Мадрид и го нокаутира шпанскиот и европски првак Реал Мадрид, победувајќи со 0-4. Револуцијата што германскиот стратег Ханси Флик ја направи со каталонскиот тим на најдобар можен начин беше демонстрирана токму на Ел Класико. Со ова заврши и серијата од 42 натпревари на Реал без пораз на домашен терен.

Второ полувреме од соништата за Барселона и огромна победа на теренот на својот најголем ривал, во 11. коло од Ла Лига.

Каталонскиот гигант потсети на своите најдобри денови во поновата историја, а во исто време на навивачите на Реал им ги оживеа најголемите кошмари од ерата на Меси, совладувајќи го „кралскиот клуб“ со 4-0. Сите четири гола беа постигнати во второто полувреме и тоа е трет триумф за Барселона со овој резултат во последните девет години, по оној на 21 ноември 2015 и на 20 март 2022 година.

Ханси Флик му одржа лекција на Карло Анчелоти, во првото полувреме во одбраната, а во второто во нападот. Воведните 45 минути ги одбележаа дури осум офсајд-ситуации во кои се најдоа играчите на Реал што зборува за синхронизираноста на одбраната на каталонскиот тим. Во вториот дел, Барса тргна во офанзива и буквално го сомле и го разнесе домашниот тим.

 

Балде нафрли од левата страна, а полскиот напаѓач со глава стрела за 0-2.

Во период од само две минути, два пати погоди полската гол машина Левандовски, прво на асистенција на извонредниот Касадо, а потоа на Балде. По 20-тина минути затишје, период во кој Реал имаше шанси да намали, на сцена стапи Рафиња  кој за третиот гол му асистираше на Јамал, а потоа го постави конечниот резултат. Левандовски имаше можност да влезе во малата група фудбалери со хет-трик во Ел Класико, но при водство од 2-0, промаши стопроцентна шанса, односно празен гол, погодувајќи ја стативата.

 

 

Со овој триумф, Барселона отиде на +6 во однос на Реал Мадрид кој го претрпе првиот пораз оваа сезона.

ТУКА можете да ги погледнете сите голови.