Интер и Јувентус одиграа дерби во голеада за паметење во италијанската Серија А и ги поделија бодовите со резултат 4-4.

Не се памети кога последен пат сме гледале вакво дерби во Италија, се играше отворено и како „без одбрани“. Шоуто започна по 15 минути игра кога Зјелински од пенал го совлада Ди Грегорио.

Само пет минути подоцна Душан Влаховиќ по асистенцијата од Мекени изедначи, а веќе во 27. минута преку Веа, Јувентус дојде и до целосен пресврт.

Но, избраниците на Инзаги беа одлучни во намерата да водат на полувремето. Микхтаријан во 35. минута погоди за израмнување, додека две минути подоцна Интер доби нов пенал и повторно сигурен реализатор беше Полјакот Зјелински. „Нероазурите“ на пауза заминаа со предност од 3-2.

Возбудувањата продолжија во 53. минута кога Дамфрис погодува за 4-2. Тијаго Мота во 61. минута се одлучи на теренот да ги внесе Јилдиз и Савона на местата на Веа и Фаџоли, а тие измени се покажаа како клучни.

Десет минути по влегувањето во игра Јилдиз со мајсторија во сопствена режија намалува на 4-3, додека во 82. минута го постигнува и својот втор гол за 4:4.

По ова реми Интер останува втор со 18 бода, Јувентус е веднаш зад него со 17, додека Наполи е на врвот со 22 освоени бода.