Екипата на Партизан не успеа да направи пресврт во дуелот со Монако и загуби со 74-79 во натпревар од шестото коло во Евролигата. За „црно-белите“ ова беше четврти пораз сезонава, додека Французите се изборија за четвртата победа и искачување на петтата позиција на табелата.

Гостите од Франција одиграа многу подобро во првото полувреме во „Пионир“, а особено блеснаа во втората четвртина, која ја добија со резултат 12-23. На паузата Монако водеше со 33-46.

Партизан се врати во третиот период и внесе голема неизвесност за последните десет минути, во кои успеа да се врати на -3, а потоа и да поведе со 73-72. Сепак, тука на сцената стапи одличниот Мајк Џејмс, кој погоди тројка во 39. минута и го врати водството кај Монако.

Српскиот гигант се обиде на крајот да стигне барем до продолженија, но играчите на Монако беа фокусирани и го добија мечот со 74-79.

Најефикасен во Партизан беше Карлик Џонс со 15 поени, додека во победничкиот состав прво име беше Алфа Диало, кој постигна 18 поени.

Екипата на Жалгирис продолжува со одлични игри во Евролигата и оствари нов триумф, овој пат против Црвена Звезда со 86-84. Домаќините дојдоа до победата со кошот на Брајан Данстон, кој погоди во последната секунда од натпреварот.

Иако ги добија следните две четвртини, белграѓани не успеаја да направат голем пресврт и на крајот мораа да се помират со третиот пораз, додека за литванскиот гигант ова беше петти триумф сезонава.

Избраниците на Андреа Тринкиери сосема заслужено се радуваа на крајот, а најефикасен играч во победничкиот тим беше Дејвидас Сирвидис со 17 поени. Кај Црвена Звезда најдобар поединец беше Коди Милер, кој запиша еден поен помалку.