За трагичната вест и смртта на српскиот кошаркар Стеван Јеловац зборуваше и тренерот на неговиот клуб АЕК од Атина, Стефанос Дедас.
Тој во изјава за грчкиот „sports.walla“ опиша како изгледале последните часови пред мозочниот удар што го доживеа Јеловац, но и детали од самиот тренинг каде се случил несреќниот настан.
Да потсетиме, Јеловац доживеа мозочен удар на 14 ноември на тренингот во Атина и не успеа да се опорави од истиот.
„Пред три недели правевме видео анализа со играчите. Јеловац не седеше со нас бидејќи имаше повреда на зглобот.Беше во рехабилитационата сала и возеше точак за вежбање .Кога заврши состанокот , ги пуштив играчите на тренинг и видовме луѓе кои повикуваат брза помош. Беше свесен, успеавме малку да комуницираме со него, но сфативме дека нешто не е во ред и дека има мозочен удар“, изјави Дедас и додаде:
“Веднаш го откажавме тренингот и играчите отидоа во болница. Следниот ден игравме против Рига без тренинг, но игравме за него. Се боревме како луди и победивме. Потоа одигравме натпревар во првенството и отидовме на репрезентативна пауза. Кога имавме време без тренинзи и натпревари, сфативме колку е сериозна ситуацијата. Немаше добри вести од болницата, но мислевме дека ќе се извлече бидејќи беше млад“.
На сите им беше јасно дека Јеловац повеќе нема да игра кошарка, но имаше трошка надеж дека ќе може да продолжи да живее.
„Никој не се излажа дека Јеловац ќе се врати и повторно ќе игра кошарка, но се надевавме дека ќе се разбуди и ќе има што помала штета. Изминативе две недели психички се подготвувавме за најлошото, па објавивата за неговата смрт никој во тимот не го изненади. Кога семејството побара преселба за понатамошно лекување во Србија, ни беше јасно дека надежта повеќе не постои“.
„Тажно и чудно е што еден млад човек почина од мозочен удар. Немаше предупредувачки знаци дека тоа може да се случи. Јас сум тренер повеќе од 20 години и ништо такво не ми се случило. Тоа е тешко искуство, животна лекција.Знам дека секогаш за починатиот се зборува најдобро, но Стеван беше навистина неверојатно момче. Беше сериозен, љубезен, насмеан, беше професионалец и никогаш не правеше проблеми“, заклучи Дедас.