Фудбалерите на Манчестер Јунајтед со минимален резултат го победија Норвич во последниот натпревар од денешниот распоред на англискиот шампионат.
После Сити, Ливерпул и Челзи кои славеа благодарение на белата точка, вечерва Јунајтед забележа победа на ист начин.
„Ѓаволите“ имаа можност да поведат во 14. минута по слободен удар кој го изведе Роналдо, но голманот на домашните одлично интервенираше и ја симна топката.
Гостите прикажаа прилично бледа претстава во првиот дел од натпреварот, поради што мрежите останаа мирни. Без посериозни шанси остана и Норвич, со само еден удар во рамките на голот, кој не го загрози многу Де Хеа.
По враќањето на теренот, Норвич во првиот напад шутираше кон голот, а се обиде и Плахета, но беше преслаб.
По ова, Пуки со одличен удар од работ на шеснаесетникот испрати силна топка меѓу Линделоф и Дало, но Де Хеа интервенираше и резултатот не се промени. Ова беше најдобрата шанса за домашните.
Јунајтед конечно поведе во 75. минута од пенал. Ова е четврти натпревар денеска на кој пенал го реши прашањето на победникот. Аронс направи прекршок каде што не требаше, па Роналдо од пенал му донесе предност на својот тим и конечна победа.