Шпанскиот тенисер Рафаел Надал е позитивен на вирусот Ковид-19, потврди тој денеска на социјалните мрежи.
По завршувањето на егзибицискиот турнир во Абу Даби, Надал се врати во татковината за да продолжи со подготовките за новата сезона, а при влегувањето во Шпанија беше позитивен на тестот за ковид-19.
Тој се огласи на социјалните мрежи, нагласувајќи дека во Кувајт и Абу Даби, каде што го поминал претходниот период, се тестирал на секои два дена и дека резултатите од ПЦР тестот секогаш биле негативни. Последен пат се проверил во саботата. Тој изјави дека не се чувствува најдобро, и дека верува дека ќе биде подобар за неколку дена.
Дополнително, тој додаде дека јавноста ќе биде информирана за неговите понатамошни планови и настапите на турнирите во наредниот период.
Отвореното првенство на Австралија после ова може да остане без еден од главните фаворити, во зависност од тоа колку долго ќе трае неговото опоравување и какви последици ќе има.
Има уште еден месец до турнирот во Мелбурн, а потсетуваме дека Рафаел Надал во неколку наврати ги нарекуваше себични луѓето кои не сакаат да се вакцинираат. Беше имунизиран, но сепак го доби вирусот .