Во неделата на референдум, Барселона одобри нов финансиски план со дополнителни 1,5 милијарди евра, што ќе му овозможи на клубот да го реновира стадионот „Камп Ноу“ и некои други објекти.
На референдумот излегоа 44 отсто од членовите, а новиот финансиски план доби поддршка од 87,8 отсто од гласачите. Барселона ќе земе заем од Голдман Сакс за проектот за период од 35 години, со вклучен грејс период од пет години. Голдман Сакс во август и позајми на Барселона 595 милиони евра за реструктуирање на долгот.
Овој проект познат како Espai Barca е направен во 2014 година. По реновирањето, капацитетот на стадионот Камп Ноу би се зголемил на 105.000 гледачи. Работите треба да почнат следната година, а реновираниот Камп Ноу треба да биде завршен до крајот на 2025. Планиран е и кампус Барса, односно канцеларии и хотел, а нивното завршувањето е планирано за 2027 година.
Претседателот на Барселона, Хуан Лапорта изјави дека со реновираниот стадион очекуваат дополнителни 200 милиони евра приход годишно. Тука влегуваат спонзорства, продажба на правата на стадионот, приходи од билети, ВИП салони и други активности.