На сите ни се познати кошаркарските квалитети на минатогодишниот МВП во НБА лигата Никола Јокиќ, но многу помалку се знае за неговиот приватен живот.
Вакви детали откри во разговор со Маја Маќешиќ, која во рамките на својот блог направи интервју со Јокиќ.
Јокиќ истакна дека славата во принцип не го променила.
„Не знам дали останав нормален, но мислам дека не останав ист. Мора да се промените за да се заштитите од сите фактори кои влијаат на вас, вашиот и животот на вашето семејство. Секако некои луѓе мислат дека сум арогантен, но не сум се променил суштински затоа што сè уште ги сакам истите работи што отсекогаш сум ги сакал“.
Тој одговори на интересно прашање, што би му рекол на десетгодишниот Никола кога би имал прилика за тоа?
„Дефинитивно би му рекол да игра уште повеќе и да ужива во тоа”.
Јокиќ призна дека често плачел во детството, но не само поради победите и поразите.
„Кога бев помлад, цело време плачев. Тогаш плачев бидејќи бев низок и подебел, тогаш ми беше тешко, но можеби тоа е она што ме донесе до сега. Мислам дека сум победник и борец, на теренот имав и промашувања за победа, јас бев многупати виновникот, но немаше да бидам овде каде што сум да не беше тоа“, истакнува Никола.
МВП-то на НБА лигата имаше важна порака за помладите генерации
„Воопшто не треба да мислат дека треба да бидат најдобри. Некако, никогаш не се знае. Мислам дека успехот не е во пари и награди, туку во квалитетни луѓе околу нас, да не ги оптоваруваме децата со медали, нека уживаат во тоа што го работат. Мислам дека тоа е голем успех“.
Откри каде се гледа себеси во иднина.
„Би сакал да се живеам на фарма или викенд куќа полна со деца и животни. Тоа би била моја желба“, заклучил Јокиќ.