Раздорот меѓу играчите, но меѓу другото и поразот во домашниот куп од Порто (0:3) го плати поранешниот тренер на Бенфика, Хорхе Жесус со заминување од лисабонскиот клуб. Искусниот 67-годишен стратег по вторпат во својата тренерска кариера ја напушти Бенфика, оставајќи го на третото место на табелата, но и во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Руи Коста, претседателот на Бенфика и легендарен поранешен португалски репрезентативец, на тренерската позиција привремено го назначи Нелсон Верисимо, досегашниот помошник, кој ќе има незгодна премиера на таа позиција, бидејќи гостуваат кај Порто на 30. декември.
Но, во исто време Бенфика бара подолгорочно решение, а според некои португалски и италијански медиуми, еден од главните кандидати барем во моментов е 42-годишниот Андреа Пирло. Пирло се збогуваше од фудбалот во 2017 година, а како тренер работеше само во Јувентус.
Контакт меѓу Руи Коста и Пирло, според истите медиуми, веќе постои, а двајцата поранешни фудбалери играа заедно во Милан каде ја освоија и Лигата на шампионите.