Осман Дембеле е на чекор од заминување од Барселона. Каталонските медиуми пренесуваат дека преговорите меѓу Дембеле и клубот за нов договор не се прекинати, но дека францускиот офанзивец во моментов е многу поблиску до заминување од Камп Ноу.
Дембеле, најскапиот фудбалер во историјата на Барселона, кој Каталонците го доведоа од Борусија Дортмунд во 2017 година за 135 милиони евра, има договор до крајот на сезоната и може да започне преговори со други клубови на 1 јануари. Следното лето може да ја напушти Барселона без обештетување.
Новинарот Жерар Ромеро тврди дека Дембеле од Барселона бара 40 милиони евра бруто плата и уште 20 милиони за потпишување на нов договор. Тоа е многу за Барселона, која е во финансиска криза.
„Дембеле е среќен во Барселона и би останал во клубот, но проблемот се неговите агенти. Тие ја изморија управата на клубот со нивните постојани промени на размислување. Односот помеѓу агентите и клубот никогаш не бил толку нарушен. Клубот подолго време крие дека последната средба беше голем чекор наназад во преговорите“, пишува каталонски Спорт.
Наводно, два англиски клуба се подготвени да му ги дадат на 24-годишниот Дембеле парите што ги бара. Во Барселона тој ги разочара навивачите за четири и пол години. Поради серија повреди одигра само 126 натпревари и постигна само 30 гола со 23 асистенции. Неговата вредност денес се проценува на 50 милиони евра.