По пристигнувањето во Барселона, Чави наредил по секоја цена да биде задржан Усман Дембеле, но кога самиот слушнал колку пари бара францускиот репрезентативец веднаш се откажал од него.
Преговорите меѓу Барселона и Дембеле „пукнаа“ на самиот почеток, бидејќи првиот човек на клубот, Жоан Лапорта, само ги преврте очите кога слушна колку се цени фудбалерот кој најчесто е надвор од теренот. Веднаш по „преговорите“ реши да го стави на трансфер листа и ќе го продаде во јануари.
Имено, Дембеле и порача на Барселона дека очекува годишна плата од 43 милиони евра, но тоа не е се. Дополнително, тој очекува пет милиони евра доколку ја освои Лигата на шампионите, а уште два доколку го крене трофејот во Ла Лига.
Секако, данокот во Шпанија е 50% и половина би завршиле на сметката на Дембеле, но и тоа е премногу.
Добро знаеме дека Барселона е во огромни финансиски проблеми, кои започнаа веднаш откако го продаде Нејмар за 222 милиони и најголемиот дел го вложи во доаѓањето на Усман Дембеле и Кутињо, а се чини дека со новиот договор за крилниот напаѓач уште повеќе би се закопале.
Ќе загубат многу пари на него, но пресметката е јасна – може да загубат уште повеќе ако го „врзат“ уште неколку години со споменатиот договор, откако Дембеле не покажа ниту дел од потенцијалот кој го покажуваше во Дортмунд.