Актуелниот шампион Манчестер сити ја започна и новата 2022 година со победа, продолжувајќи ја триумфалната низа на 11 меча, откако во 93-та минута денеска на „Емирати“ во Лондон стигнаа до победа со 2-1 против Арсенал во првото од двете дербија во оваа новогодишна програма во Премиерлигата.
Родри во 93-та минута го постигна победничкиот гол за Сити да направи нов чекор поблизу до новата шампионска титула, па сега „граѓаните“ избегаа на 11 бода од Челси, а 12 од Ливерпул, пред меѓусебната пресметка на „сините“ и „црвените“ утре во второто дерби во ова коло.
Арсенал може да жали што не издржа, барем да освои бод, зашто поведе со гол на Букајо Сака по пола час игра, па со помош на ВАР, Сити преку Ријад Марез израмни по еден час, но лондончани имаа неверојатна шанса за второ водство кое Габриел Мартинели не го искористи и промаши празен гол, откако се најде во шанса после киксот на Америк Лапорт и голманот Едерсон, па Натан Аке спасуваше на гол-линијата.
За Арсенал ова е прв пораз после четири победи во низа и поразот од Евертон со 1-2 на 6 декември, по што „топчиите“ со 35 бода останаа четврти на табелата. Сити со триумфот сега има 53 бода од 21 меч.