Кошаркарите на Партизан ја совладаа Црвена Звезда во третиот натпревар од финалната серија на АБА лигата со резултат 70:67.

Прашање е како овој натпревар дојде до крај, по бројните перипетии што ги видовме. Се започна и заврши со навивачите.

Уште пред самиот почеток се очекуваше реваншот на „гробари“ поради виденото во вториот натпревар, а токму тоа го добивме и пред самиот почеток. Кошаркарите на Звезда беа пречекани со „рафал“ од запалки, но и топовски удар, кога излегоа на теренот за загревање.

Навивачите во текот на мечот неколку пати беа опоменати да престанат со ваквото однесување, па на 57 секунди до крајот судиската тројка го напушти теренот и го прекина натпреварот. Продолжението на истото беше доведено во прашање, но беше продолжено откако одредени делови од трибините беа испразнети.

Покрај тоа , во „Пионир“ беше многу топло, поради што играчите често се лизгаа и мало чудо е што нема повредени.

Најнеизвесниот од трите досегашни натпревари од финалната серија е виден на теренот. Партизан воден од атмосферата беше подобар тим и на крајот можеме да кажеме дека заслужено славеше.

Избраниците на Жељко Обрадовиќ водеа во поголемиот дел од натпреварот, со пад во третата делница кога постигнаа само осум поени. Звезда го искористи тоа и по заостанување од осум поени на полувремето, во последниот дел влезе со предност.

Кошаркарите од Мали Калемегдан не беа во формата од првите два меча, па на полувреме имаа 11 грешки, од кои многу во водењето со топката. Тоа, во комбинација со Алекс Аврамовиќ, кој уште еднаш ја водеше екипата во тешките моменти, беа пресудни за славјето на Партизан.

Најефикасен во редовите на Партизан беше Кевин Пантер со 22 поени (5/6 од игра, 2/6 за три) со пет скока и шест асистенции, а двоцифрен беше и Алекса Аврамовиќ со 14 поени.

Далас Мур постигна три тројки и тоа се сите негови поени, додека Зек Ледеј додаде седум поени.

На другата страна се истакна Огњен Добриќ со 20 поени, а три помалку имаше Дејан Давидовац. Сепак, тие беа осамени. Калиниќ имаше девет поени, но далеку од учинокот во вториот натпревар, додека прв следен на листата на стрелците беше Кузмиќ со четири поени.