Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ потврди зошто е светски рекет број еден и најдобар тенисер во историјата. Србинот во полуфиналето на завршниот мастерс-турнир во Торино го победи во два сета шпанецот Карлос Алкараз и ќе игра за нов триумф на завршните Мастерс турнири.

Ѓоковиќ во полуфиналнот спектакл го надигра Алкараз кого го гледаат како наследник на Надал, му одржа лекција по тенис и го совлада со 2-0 во сетови (6-3, 6-2). Во првиот сет клучен беше брејкот кој го направи Ноле за 5-3, а потоа на свој сервис ја искористи првата сет-топка.

Во вториот сет, Ѓоковиќ тргна фуриозно и со агресивна и сигурна игра направи брејк уште на стартот за 2-1, а потоа продолжи да доминира над ривалот, и оствари триумф во вториот сет од 6-2 и конечна победа за пласман во финале.

Во финалето Новак Ѓоковиќ утре од 18 часот ќе игра со италијанскиот тенисер Јаник Синер кој претходно го совлада Данил Медведев.