Раководството на Ла Лига е со намера дуелот меѓу Барселона и Атлетико Мадрид, што треба да се одигра во декември, да се одржи во Мајами. Организацијата е во напредна фаза, и сега останува само да се добие одобрение од ФИФА, која има последен збор.
Натпреварот помеѓу двата гиганти е закажан за 22 декември, веднаш пред божиќната пауза во првенството. На почетокот на јануари, Барселона, Реал Мадрид, Атлетик Билбао и Мајорка ќе учествуваат во Суперкупот на Шпанија, кој ќе се одржи во Џеда, Саудиска Арабија.
Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, одамна има планови да одржи натпревар од шпанското првенство во САД. Првиот обид беше во 2019 година, кога каталонското дерби помеѓу Барселона и Жирона требаше да се одигра во Мајами, но тогаш спротивставувањето од страна на Шпанската фудбалска федерација и синдикатите на играчите го спречија планот.