Голем удар ја зафати хрватската женска репрезентација на Светското првенство во Шпанија. На денот на натпреварот со Јапонија, Чамила Мичијевиќ и Ивана Дежиќ беа позитивни на брз антигенски тест, а резултатите од тестот на Дора Кршник беа сомнителни, па цела репрезентација направи ПЦР тестови.

Резултатите требаше да бидат готови до 15 часот, но се чекаше дополнително додека репрезентативките не заминат од хотелот за натпреварот. Сепак, бидејќи и Мичијевиќ и Дежиќ покажаа симптоми на инфекција, веднаш беа повикани замени од Хрватска за нив. Околу 19 часот резултатите од ПЦР тестовите ја потврдија инфекцијата на сите три репрезентативки – Мичијевиќ, Дежиќ и Кршник.

Од прелиминарниот список за СП се активираа десното крило на Зрински, 24-годишната Габриела Гудељ, која исто така беше на последните подготовки во Пореч и левото крило на Локомотива, 21-годишната Тена Петика. И двете за првпат ќе бидат дел од хрватската сениорска репрезентација на официјални натпревари на едно големо натпреварување, а Тена е ќерка на легендарната хрватска ракометарка, а сега помошник тренер на Ненад Шоштариќ , Сњежана Петика.

Со тоа Хрватска е втората репрезентација зафатена од коронавирусот на Светското првенство во Шпанија. Потсетуваме, Австрија која игра во групата Х во Торевиеха,  има дури 5 заразени играчи и селекторот.